Демократските гувернери ветија дека ќе застанат зад Бајден по катастрофалната ТВ-дебата

Демократските гувернери на сојузните држави Њујорк, Минесота и Мериленд изјавија дека ќе ја поддржат кандидатурата за реизбор на претседателот Џо Бајден по искрената дискусија со него за неговото, најблаго речео, лошо претставување во минатонеделната телевизиска дебата со републиканскиот противкадидат Доналд Трамп.

„Претседателот отсекогаш ни го чуваше грбот. И ние ќе му го чуваме грбот“, им рече на новинарите гувернерот на Мериленд, Вес Мур по состанокот со Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа, на кој присуствуваа 24 демократски гувернери и градоначалникот на Вашингтон Д.Ц., вклучително и некои кои се приклучија на состанокот онлјан.

Мур рече дека гувернерите биле искрени во пренесувањето негативни повратни информации од гласачите за лошиот настап на Бајден за време на соочувањето со републиканскиот ривал Доналд Трамп. Рече дека е јасно оти имаат работа пред изборите на 5-ти ноември, но дека Бајден јасно ставил до знаење дека ќе остане во трката.

„Претседателот… тој е наш кандидат. Претседателот е лидер на нашата партија“, рече Мур.

Последните денови сѐ почесто се зборува меѓу демократите дека 81-годишниот Бајден треба да се повлече од кампањата за претседателските избори.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека се чувствува сигурна по состанокот и дека сите гувернери ветиле поддршка за Бајден.

Гувернерот на Минесота, Тим Валц, претседател на Здружението на демократските гувернери, рече дека ефектите од претставувањето на Бајден во дебатата минатиот четврток биле лоши, но тој мисли дека Бајден е погоден за функцијата.

„Очигледно, како и многу Американци, ние сме малку загрижени. Загрижени сме бидејќи заканата од претседателствувањето на Трамп не е теоретска“, рече Валц тврдејќи дека претходното претседателство на Трамп наводно било обележано со „хаос, уништување“.

Речиси десетина челници на сојузните американски држави лично присуствуваа на состанокот, но само тројца од нив разговараа со новинарите потоа.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој присуствуваше лично, ја објави својата реакција на платформата на социјалните мрежи Х: „Слушнав три збора од претседателот вечерва – тој е подготвен. Исто и јас“.

Кампањата на Бајден соопшти дека претседателот ја повторил својата решеност „да ја победи егзистенцијалната закана од Доналд Трамп на гласачките кутии во ноември“ и разговараше за важноста да се привлечат демократите на гласачкото ливче.

„Сите учесници ја повторија својата колективна посветеност да направат се што е можно за да им помогнат на претседателот Бајден и потпретседателката Харис да го поразат Доналд Трамп во ноември“, се вели во соопштението.