Обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо е преквалификуван во терористички чин, соопшти денеска словачкиот државен обвинител Марош Жилинка. „Врз основа на доказите собрани во текот на истрагата, случајот понатаму ќе биде класифициран како особено тешко кривично дело – терористички чин“, рече Жилинка на Фејсбук.
Портпаролката на обвинителот Зузана Дробова изјави дека осомничениот за обидот за убиство на Фицо веќе е информиран за промената на статусот на случајот, пренесува ТАСР.
Писателот Јурај Цинтула го рани Фицо на 15 мај во градот Гандлова, во западна Словачка. Напаѓачот е уапсен и обвинет за обид за убиство од политички причини.
Словачкиот министер за одбрана, Роберт Калињак, изјави претходно оваа недела дека Фицо наскоро ќе се појави во јавноста и постепено ќе почне да ги извршува своите должности.