Украинската војска во четвртокот објави дека нејзините војници се повлекле од дел од Часов Јар на работ од источниот доминатно руски регион Доњецк, еден ден откако Русија објави дека нејзините сили презеле контрола врз дел од стратешки важниот град.
Часов Јар се наоѓа на извишување на околу 20 километри западно од Бахмут (Артјемовск како го нарекуваат Русите), град во југоисточната област Донбас населена со доминатно руско и рускојазично население, кој беше заземен од руските сили пред една година. Двете страни го гледаат како потенцијална почетна точка за руски напредок кон клучните градови Краматорск и Словјанск за продор кон централните и западните области на Украина.
Руското Министерство за одбрана во средата извести дека руските воени сили ја презеле контролата врз областа „Новји“, која се наоѓа западно од каналот Сиверски Донец-Донбас и минува низ источниот дел на градот.
„За нас стана непрактично да одржуваме контрола врз делови од градот откако непријателот влезе таму. Животот и здравјето на нашите војници беа загрозени, а позициите на нашите бранители беа исто така уништени“, изјави воениот портпарол Назар Волошин за украинската телевизија.
„Командата одлучи да се повлечеме на подобро заштитени позиции, но непријателот не престанува со активната борба ниту во таа област“, додаде Волошин.
Руските сили, кои ја започнаа инвазијата на Украина во февруари 2022 година, последните седмици постепено напредуваа во регионот Доњецк настојувајќи да избегнаат поголеми жртви, како што претпоставуваат украинските и западните воени аналитичари, барајќи начин да отворат нов фронт во близина на североисточниот град Харков.
Киев тврди дека руското напредувањ во регионот Харков е запрен, но украинските воени аналитичари признаваат дека 2024 година била тешка година за Украина на бојното поле, барајќи ја причината за тоа во доцнењето на американската воена помош. Но истовремено сѐ поочигледно е дека украинската армија последнатата година има голем недостиг од жива сила.
Така, претседателот Володомир Зеленски предупреди во средата дека Украина не може да комплетира 14 бригади поради недостиг од оружје. Бригадата, според стандаридте на западните војски сојузнички на Киев брои од илјада до осум илјади луѓе.
„Имаме бригади без оружје, имаме 14 недоволно комплетирани бригади кои немаат соодветно оружје, чиешто снабдување е веќе одобрено за време на гласањето (во Конгресот), но тие доаѓаат полека“, рече Зеленски во интервју за агенцијата Bloomberg News.
Украинските воени сили во дневниот извештај во четвртокот објавија дека во последните 24 часа се воделе 161 битка, од кои повеќето се случиле во областа на Доњецк. Во извештајот се наведува и дека украинските сили ги спречиле руските да ја пробијат украинската одбрана на фронтот Краматорск, кој ги опфаќа областите во близина на Часов Јар.