Џеф Безос ги објави плановите за продажба на акции на „Амазон“ во вредност од околу пет милијарди долари само неколку дена откако пазарната вредност на технолошкиот гигант ја премина границата од 2 билиони долари.
Продажбата, која ќе се одржи во јули и ќе вклучува 25 милиони акции на „Амазон“ во вредност од 4,9 милијарди долари, беше откриено во регулаторните документи. Пред тоа, Безос продаде акции вредни 8,5 милијарди долари во февруари оваа година, пишува Фајненшл тајмс.
Милијардерот се повлече од функцијата извршен директор на компанијата во 2021 година, но остана нејзин извршен претседател и најголем акционер со околу девет проценти од акциите.
„Амазон“ минатиот месец стана дел од група американски технолошки компании чија пазарна капитализација надмина 2 билиони долари, придружувајќи им се на конкурентите „Мајкрософт“ и „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“.
Акциите на „Амазон“ пораснаа за една третина оваа година, поттикнати од возбудата на инвеститорите поради потенцијалот на вештачката интелигенција да поттикне раст во секторот за облак на компанијата. Сепак, нејзината пазарна вредност заостанува зад производителот на чипови „Нвидиа“ и компаниите „Епл“ и „Мајкрософт“, кои ја надминаа пазарната вредност од 3 билиони долари.
Безос го основа „Амазон“ во 1994 година, а компанијата прерасна од книжарница во огромна империја која вклучува е-трговија, cloud computing, видео стриминг, здравствена заштита и други индустрии. Откако се повлече од функцијата извршен директор на „Амазон“, Безос се фокусираше на неговата вселенска компанија Blue Origin и американскиот весник Вашингтон пост, кој го купи во 2013 година за 250 милиони долари.