ЕК воведе привремени дополнителни царини за увоз на електрични возила од Кина

Во четвртокот Европската комисија (ЕК) воведе привремени дополнителни царини за увоз на електрични возила на батерии од Кина поради „нечесните“ субвенции за производителите, а овие привремени царини се движат од 17,4 до 37,6 отсто, соопштија од Комисијата.

„Девет месеци по започнувањето на истрагата против субвенционирање по службена должност, Европската комисија воведе привремени компензаторни давачки за увоз на електрични возила на батерии од Кина“, се вели во соопштението.

Врз основа на истрагата, Комисијата заклучила дека кинеските производители на електрични возила со батерии (BEV) „остваруваат полза од нечесното субвенциониање што може да доведат до економска штета на производителите на електрични возила во ЕУ“. Во текот на истрагата биле испитани веројатните последици и ефект од овие мерки врз увозниците, корисниците и потрошувачите на електрични возила во ЕУ, се вели во соопштението.

Комисијата ги наведува поединечните тарифи што ќе важат за трите кинески производители од примерокот. Така, на електричните автомобили BYD ќе се плаќа царина од 17,4 отсто, на „Geely“ 19,9 отсто, а на SAIC – 37,6 отсто.

Другите производители во Кина, кои соработувалево истрагата, но не биле вклучени во примерокот, подлежат на пондерирана просечна царина од 20,8 проценти. Царината за останатите фирми кои не соработувале изнесува 37,6 отсто, се вели во соопштението.

Овие привремени дополнителни давачки, објаснуваат од Комисијата, се нешто пониски од објавените на 12 јуни, врз основа на „коментарите за точноста на пресметките доставени од заинтересираните страни“. На 12 јуни Европската комисија објави дека има намера да воведе привремени царини за увоз на електрични автомобили од Кина, а тогаш се споменуваше опсег од 17,4 до 38,1 отсто, наместо сегашните 10 отсто.

„Привремените такси ќе се применуваат од 5 јули 2024 година, најмногу четири месеци. Во овој период, конечната одлука за царините мора да се донесе со гласање на земјите-членки на ЕУ“, се наведува во соопштението до медиумите и се истакнува дека кога го донела тоа решение, би се применувала пет години.

Комисијата посочува дека консултациите со кинеската влада се интензивирани во последните седмици по размената на мислења меѓу извршниот потпретседател Валдис Домбровскис и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.

„Контактите продолжуваат на техничко ниво со цел да се постигне решение усогласено со Светската трговска организација (СТО – WTO), кое адекватно ги решава проблемите изразени од Европската унија. Сите договорени резултати од испитната процедура мора да бидат ефективни за решавање на идентификуваните штетни форми на субвенционирање“, наведува тој.во соопштението.