Европските берзи благо пораснаа во петокот во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите ги следеа вестите за парламентарните избори во Велика Британија, кои беа во согласност со очекувањата.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од трговскиот ден порасна за 0,3 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,32 отсто, на 8.267 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,46 отсто, на 18.535 поени, а париски CAC за 0,19 отсто, на 7.710 поени.
Инвеститорите претпланево ги следат резултатите од вчерашните избори во Британија. Централно-левичарските лабуристи треба да освојат огромно мнозинство во 650-члениот парламент, додека конзервативците на Риши Сунак ќе го имаат својот најлош резултат во долгата историја на партијата, бидејќи гласачите ги казнија за високи трошоци за живот, лошите јавни услуги и низата скандали. .
А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонскиот, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, беше намален за 0,2 отсто и се лизна од највисокото ниво од април 2022 година. Истовремено, јапонскиот Nikkei индекс ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто. Во Јужна Кореја, пак, се зголемија за повеќе од 1 процент.
Јапонскиот индекс Nikkei на самиот почеток од денешното тргување се проби над нивото од 41.000 поени првпат во историјата. Но, подоцна ги загуби првичните добивким бидејќи нема вести за поддршка на растот на пазарот.
Само јужнокорејскиот индекс Kospi значително порасна претпладнево, најмногу благодарение на скокот на цената на акциите на „Samsung“, откако технолошкиот гигант објави проценки за силен раст на профитот во вториот квартал.
На другите берзи има претпазливост, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред објавувањето на извештајот за вработување во САД, што може да влијае на насоката на пазарот. Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека бројот на вработените се зголемил за 190.000 во јуни, по порастот од 270.000 претходниот месец.
Доколку податоците дојдат на повисоко ниво од очекуваното, тоа би можело да изврши притисок врз цените на акциите, бидејќи тоа би значело дека пазарот на трудот е сè уште силен, што би можело да ја зајакне потрошувачката, а со тоа и инфлаторните притисоци. Доколку, пак, податоците се под очекувањата, тоа би можело позитивно да се одрази на насоката на пазарот на капиталот.