Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот пристигна во Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, предизвикувајќи прекор од другите челници во Европската унија, кои предупредија дека тој не зборува во име на целиот блок.
Во понеделникот Унгарија го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Унијата. Пет дена подоцна, Орбан основаше нова група во парламентот на ЕУ – „Патриоти за Европа“ со други десничарски националисти, а потоа го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Сега тој реши да замине во Москва во „мировна мисија“, неколку дена пред јубилејниот самит на НАТО во Вашингтон.
„Со таквата средба, унгарското претседателство завршува пред навистина да започне. Се чини дека Унгарија не ја сфати својата улога… Скептицизмот на земјите-членки на ЕУ за жал беше оправдан. Станува збор само за промовирање на интересите на Будимпешта“, осудува дипломатот од ЕУ кој за Reuters зборувал во услови на анонимност.
Шефот за надворешна политика на ЕУ во заминување, Жозеп Борел, рече дека Орбан „на ниту еден начин не ја претставува ЕУ“ во Москва. Финскиот премиер Петри Орпо веста за посетата ја опиша како „вознемирувачка“.
„Ако тој ја посети Москва, тоа би значело непочитување на должностите на земјата претседавач со ЕУ и поткопување на интересите на Европската унија“, објави Орпо на X.
Павел Хавличек, истражувач во Чешката асоцијација за меѓународни работи, оцени дека посетата на Орбан е „злоупотреба на слабоста на Брисел“ во периодот на формирањето на новиот состав на извршните тела на блокот и „опасно поткопување на заедничката европска позиција“.
Орбан, пак, од своја страна возврати дека му е јасно дека нема право да преговара во име на ЕУ, но дека мирот не може да се склучи „од удобна фотелја во Брисел“. „Не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме чудесно да заврши војната“, напиша унгарскиот премиер на X.