Новата десничарска група во Европскиот парламент трета по големина

Сојузот на конзервативните антиимиграциски партии во Европскиот парламент, кој минатиот месец го започна унгарскиот премиер Виктор Орбан, треба да стане трета по големина во европскиот законодавен дом, објави Политико.

„Патриоти за Европа“ официјално ќе бидат формирани во понеделник и се очекува да потврдат дека во групата ќе бидат 30 европратеници од француската десничарска партија Национален собир (РН), објави утрово медиумот, цитирајќи упатени извори.

Во претходниот законодавен дом на ЕУ, РН – која претходно беше предводена од Марин Ле Пен – припаѓаше на групата „Идентитет и демократија“ (ИД).

Вториот круг од парламентарните избори во Франција се одржа во неделата и заврши со разочарување за Р.Н. Во првиот круг, партијата имаше силно водство – но центристичките и левичарските политичари договорија стратешки откажувања на нивните кандидати за да ѝ ускратат мнозинство на десницата и да ја турнат на третото место.

Групата „Патриоти“ беше формирана кон крајот на јуни, при што партијата Фидес на Орбан ги здружи силите со чешките и австриските националисти. Гласачкиот блок продолжи да привлекува европратеници оттогаш и конечно ги исполни критериумите за формално признавање минатата сабота. На групата и требаат најмалку 23 членови од седум различни земји на ЕУ за да се квалификува како група во ЕУ парламентот.

Досега, крајно-десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која беше исфрлена од групата ИД за време на неодамнешните избори за Европскиот парламент, одби да се приклучи на Патриоти за Европа.

Многу од партиите во „Патриоти за Европа“ претходно беа со крајно-десничарската група „Идентитет и демократија“ (ИД), во која доминираше крајно десничарската партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен.

Според Политико, учесниците имаат различни мислења за тоа дали „Патриотите“ се ребрендирање на „ИД“ или нова група со слични идеи. Промовира конзервативни семејни вредности, ограничувања на имиграцијата и зголемена моќ на националните влади на членките на ЕУ во однос на Брисел.

Претседателот на РН и европратеник Џордан Бардела навести учество на неговата партија во група, во говорот во неделата навечер. Тој рече дека „конечно, од утре нашите европратеници целосно ќе ја играат својата улога во голема група која ќе влијае на рамнотежата на моќта во Европа“.

Извори на Политико велат дека француски европратеник ќе биде претседател на групата „Патриоти“.