Израелските сили го нападнаа градот Газа рано утрото во понеделникот и колони тенкови влегоа во центарот на градот од различни правци, што жителите го оценија како еден од најтешките напади од 7 октомври минатата година кога започна војната.
Властите во Газа веруваат дека десетици луѓе загинале но спасувачките тимови не можат да стигнат до нив поради офанзивите во Дарај и Туфах на исток и Тел Ал-Хава, Сабра и Римал на западот од градот.
Израелски тенкови се стационирани во некои делови на Тел Ал Хава и Сабра, но не навлегле длабоко во трите други населби кои, според жителите, биле бомбардирани цела ноќ, до раните утрински часови. Уништени се неколку катни згради.
Тенковите продреле и од исток, принудувајќи ги луѓето кон западниот пат во близина на морето.
„Непријателот е зад нас, а морето е напред, каде да одиме? Тенковски гранати и проектили од авиони паѓаат на патишта и куќи како пекол од вулкан. Луѓето трчаат на сите страни и никој не знае каде да оди“, изјавил за Reuters Абдел Гани, жител на Газа преку апликација за разговор.
Израелската армија објави дека започнала операција против милитантната инфраструктура во Појасот Газа и елиминирала повеќе од 30 борци кои биле закана за израелските војници.
Новата израелска офанзива доаѓа во време кога Египет, Катар и САД ги засилуваат напорите за посредување за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Војната веќе влезе во десеттиот месец.
Жителите на Газа изјавија дека тенковите дошле од најмалку три правца и стигнале до самиот центар на градот, поддржани од силен израелски воздушен и копнен оган. Поради ова, илјадници луѓе ги напуштија своите домови во потрага по побезбедни места, кои многумина не можеа да ги најдат, а некои ја поминаа ноќта покрај патот.
Лекарите во баптистичка болница Ал-Ахли Араб морале да ги евакуираат пациентите во веќе преполната и недоволно опремена Индонезиска болница во северниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.
Надежите за прекин на огнот беа оживеани откако Хамас се согласи на клучниот дел од американскиот предлог, а официјален претставник на израелскиот преговарачки тим рече дека постои реална перспектива за договор. Хамас се откажа од барањето Израел прво да се согласи на траен прекин на огнот пред да го потпише договорот. Наместо тоа, тие се согласија да се договорат во првата шестнеделна фаза, изјави извор од Хамас за Reuters во саботата.
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека договорот не треба да го спречи Израел да продолжи да се бори додека не ги постигне своите цели, а тоа се уништување на Хамас, неговите воени сили и капацитети за управување и ослободување на израелските заложници. Директорот на американсата Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, ќе се сретне со катарскиот премиер и со неговите израелски и египетски колеги во Доха во среда, изјави извор запознаен со разговорите кој сакал да остане анонимен.