Европските берзи благо паднаа во вторникот во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите беа претпазливи поради неизвесната политичка ситуација во Франција по предвремените парламентарни избори.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,3 отсто во првиот дневен пресек на тргувањето. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,03 отсто, на 8.190 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,38 отсто, на 18.400 поени, а париски CAC 0,42 отсто, на 7.595 поени.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи официјалните резултати потврдија дека француската крајно левичарска коалиција наречена Новиот народен фронт (NFP) победи во вториот круг од изборите, додека центристичкиот блок Заедно на претседателот Емануел Макрон беше на второто место. Крајно десничарскиот Национален собир (RN) на Марин Ле Пен, кој важеше за фаворит по првиот круг на гласање, е трет.
Имајќи предвид дека ниту еден од блоковите не освои апсолутно мнозинство, напорите за формирање нова влада ќе се фокусираат на барање потенцијални сојузи и освојување поединечни членови на парламентот од други групи.
А на азиските берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа порасна за 0,4 отсто. Истовремено, индексот Nikkei sкокна за речиси 2 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Хонгконг, Јужна Кореја, Австралија и Шангај пораснаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто.
Скокот на индексот Nikkei на нови рекордни нивоа најмногу се должи на растот на цените на акциите на производителите на чипови, како и на Волстрит претходниот ден. Toa го поддржа растот на јужнокорејскиот индекс Kospi, како и на цените на акциите во Тајван.
Така, повеќето азиски берзи го следат вчерашниот раст на S&P 500 и Nasdaq индексite до нови рекордни нивоа, иако тргувањето беше претпазливо. На Волстрит индексот Dow Jones ослабе за 0,1 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,1 отсто, а Nasdaq за 0,3 отсто.
Малите движења на индексот се резултат на претпазливоста на инвеститорите пред новите податоци за инфлацијата во САД. Во четврток ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени и во петок за цените на производителите во јуни.
Инвеститорите се надеваат на натамошно ублажување на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки.