Кина и Белорусија спроведуваат заеднички воени вежби во близина на полската граница

Кина и Белорусија започнаа заеднички воени вежби во понеделникот, соопштија двете министерства за одбрана, на само неколку километри од границата со Полска, членката на НАТО и пред самитот на алијансата во Вашингтон оваа седмица.

„Настаните што се случуваат во светот се алармантни, ситуацијата е неизвесна, затоа ќе практикуваме нови форми и методи за извршување на тактички задачи“, го цитира белоруското Министерство за одбрана генерал-мајорот Вадим Денисенко, началник на командата за специјални операции на Белорусија во објавата на платформата Telegram.

Вежбите под кодно име „Напад на соколот“ ќе траат до 19-ти јули, а се одржуваат на полигон во близина на градот Брест, соопшти Министерството. Брест, во југозападниот дел на Белорусија, лежи на границата со Полска.

Челниците на 32 земји-членки на НАТО се состануваат во вторник во Вашингтон на самит на кој натамошната воена и финансиска поддршка за Украина ќе биде високо на агендата.

Белорусија, којашто од почетокот на 1990-те години има договор за Сојузна држава со соседна Русија, по обидите за предизвикувањет „обоена револуција“ во Минск, од Западот е обвинета дека ѝ дозволила на Русија да ја користи нејзината територија како едно од местата за лансирање на агресијата на Москва против Украина во 2022 година. На долгогодишниот притисок од западните земји, како и тензиите и провокациите на белоруско-украинската гранциа, Минск подоцна одговори со распоредување на тактичко нуклеарно оружје на својата триторија.

Во рамките на „антитерористичките вежби“, воениот персонал на Кина и Белорусија ќе бидат разработувани прашањата за ноќни слетувања, надминување на водените пречки и спроведување операции во населени места, се наведува во соопштението за печатот на белоруското Министерство за одбрана. Министерството, исто така, објави серија фотографии на Telegram на кои се гледа како кинеските војници и опрема се истоваруваат од авиони за време на викендот. На објавите од понеделникот трупите маршираат на полигонот. Не е познато колку војници се вклучени во вежбите.

Кинеското Министерство за одбрана во понеделникот во соопштение на англиски јазик соопшти дека Белорусија одржала „прекрасна церемонија за пречек“ на кинеските војници кои пристигнале во Белорусија на 6-ти јули.

„Заедничката обука има цел да ги подобри координативните способности на единиците-учеснички и да ја продлабочи практичната соработка меѓу двете армии“, се вели во соопштението на Министерството објавено во Пекинг на неговата веб-страница.

Белоруското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти и дека големината на силите на НАТО на границата со Белорусија рапидно расте, што доведува до зголемени тензии во регионот.

„Нашата земја ги презема сите можни мерки за да спречи ескалација, но доколку некој ги помине нашите граници, реакцијата ќе биде остра“, се вели во соопштението.