Турција го лансираше својот прв домашен сателит во орбитата

Турција рано во вторникот го лансираше својот прв домашен комуникациски сателит „Turksat 6A“ во орбитата, кој ќе го прошири сателитското покривање на земјата и ќе ги задоволи нејзините потреби за телевизиско емитување, соопштија властите.

Ракетата „Falcon 9“ на компанијата „SpaceX“ го однесе сателитот во вселената од комплексот за вселенско лансирање Кејп Канаверал во американската сојузна држава Флорида.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека лансирањето претставува отворање на „нова фаза“ за Турција во производството на сателити.

Министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу рече дека првиот сигнал од „Turksat 6A“, бил примен 67 минути по лансирањето, како што било планирано, додавајќи дека сателитот ќе ја прошири способноста за следење на турски содржини на 5 милијарди луѓе.

„Ние ќе ги доведеме нашите сопствени комуникации, нашите телевизиски преноси на побезбедно, подобро ниво“, рече Уралоглу, објаснувајќи дека „Turksat 6A“, сега ќе овозможи содржината од Турција да стигне до Индија, Индонезија, Малезија и Тајланд.

Турција, исто така, претходно лансираше сателити користејќи ракети од „SpaceX“.

Уралоглу вели дека „Turksat 6A“ е резултат на десетгодишен напор за производство на сателитот во Турција, што ја прави земјата една од 11-те земји што го прават тоа.