ЈП Комунална хигиена-Скопје најостро ги демантира наводите на градоначалникот на Општината Бутел, којшто на својот фб-профил наведува целосни невистини поврзани со одржувањето на хигиената во оваа скопска општина.
ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на скопската Општина Бутел комуналниот отпад континуирано се собира и транспортира без никаков застој, односно во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, усвоена од страна на Советот на Градот Скопје.
Екипите на Претпријатието со месеци наназад се исклучително активни и преку спроведување вонредни активности во оваа скопска општина, каде што само во текот на изминатите десет дена се подигнати приближно 100 кубни метри отпад од повеќе диви депонии, лоцирани на булеварот Босна и Херцеговина – во близина на СУГС „Зеф Љуш Марку“ и кај социјалните згради, на улицата Радишанска – на двата влеза и кај Спортската сала, како и на слепата улица Цетинска.
Би сакале да напоменеме и дека ЈП Комунална хигиена-Скопје во никој случај не прави селекција според политичката определба на граѓаните, туку редовно и навремено ги спроведува своите активности подеднакво во сите скопски општини.
Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат до несовесните поединци да престане тенденциозното непрописно одлагање отпад на јавни површини со коешто масовно се соочуваме во текот на последните неколку месеци, а го повикуваме и споменатиот градоначалник на општината Бутел да ги активира на терен инспекциските служби при општината коишто се надлежни и задолжени да го санкционираат секое прекршување на Законот за јавна чистота.