Водата за пиење во Европа контаминирана со перзистентна штетна хемикалија

Трифлуороцетна киселина (TFA), многу перзинстентна (неразградувачка, постојана) хемикалија, е откриена во голем број примероци на европските води за пиење, тврдат здруженијата и бараат да се постават строги стандарди кога станува збор за квалитетот на овој производ, кој е под влијание на распаѓањето на таканаречените „вечни хемикалии“ од некои пестициди и разладни гасови.

По мајската студија за широко распространето загадување на реките и езерата со трифлуороцетна киселина, Европската мрежа за акција против пестициди (PAN Europe) и нејзините членки овојпат имаа на располагање примероци од вода за пиење од 11 земји-членки на Европската унија. Познато е дека хемикалиите PFAS (ткн вечни хемикалии) остануваат во човечкото тело засекогаш.

PFAS се перфлуорирани и полифлуорирани алкилирани супстанции кои сочинуваат повеќе од 4.700 хемикалии. Стнува збор за група широко користени вештачки хемикалии кои со текот на времето се акумулираат во човечкото тело и во околината. Тие се исклучително упорни во животната средина и во телото и можат да предизвикаат здравствени проблеми како што се оштетување на црниот дроб, болести на тироидната жлезда, дебелина, проблеми со плодноста и рак.

TFA е откриен во 34 од 36 избрани примероци на вода од чешма

Заклучокот од анализите спроведени од Центарот за технологија на вода во Карлсруе е следен: TFA е откриена во 34 од 36 избрани примероци на вода од чешма и во 12 од 19 примероци на минерална или изворска вода.

Резултатите беа објавени во средата. Просечната концентрација на TFA во водата за пиење беше 740 нанограми на литар и 278 ng/L во флаширана вода, што е пониско од просечните 1220 ng/L забележани во примероците на вода од чешма од претходно спроведена студија.

Дали таквите концентрации се штетни за здравјето?

Досега се спроведени премалку студии. Некои здруженија не се согласуваат со предлогот на Холандскиот национален институт за јавно здравје и животна средина, кој предлага да се воведе стандард од 2200 ng/L.

Овој праг е веќе надминат кај анализираната минерална вода и во примерокот за вода за пиење од Австрија (4100 ng/L).

Во Париз, на пример, анализираната вода од чешма содржела 2100 ng/L, а во Мец е забележана концентрација од 500 ng/L. Но, упорните хемикалии продолжуваат да се акумулираат во водата.

ЕУ одлучи да постави ограничување од 500 ng/L за сите хемикалии PFAS од 2026 година, а невладините организации бараат TFA да се додаде на таа листа.

TFA е токсичен за репродукцијата?

„Германската агенција одговорна за следење на хемикалиите неодамна предложи TFA да се класифицира како супстанца токсична за репродукцијата“, се вели во извештајот, цитирајќи студија на хемискиот и фармацевтски гигант „Bayer“. Нивните експерименти врз зајаци покажале развој на „тешки малформации на плодот“.

Хелмут Бурршхер-Шаден, хемичар, активист и член на невладината организација „Пријатели на Земјата – Австрија“ смета дека откриените нивоа на ТФА „според сегашните сознанија сè уште се во безбедни граници, но нивниот внес се зголемува на дневна основа. “, и „безбедносната тампон зона веќе е многу намалена”. Тој вели дека не смееме да заборавиме дека „неоправдано бевме изложени на други хемикалии PFAS“.

Здруженијата повикуваат на „итна“ забрана за употреба на пестициди и гасови за ладење PFAS и, воопшто, за ограничена употреба на „вечни хемикалии“.