Американската кошаркарска репрезентација се подготвува за Олимписките игри во Париз и во првиот пријателски натпревар во Лас Вегас ја совлада Канада со 86>72.
Прв стрелец во американскиот тим беше Ентони Едвардс со 13 поени, Стивен Кари постигна 12 со три асистенции и два скока, додека Џру Холидеј додаде 11 поени со пет скока и четири асистенции.
Првиот натпревар за САД го одигра центарот на Филаделфија, Џоел Ембиид, кој за 12 минути на паркетот постигна пет поени со шест скока, но и собра пет лични грешки.
Кај Канаѓаните најдобар играч беше РиЏеј Барет со 12 поени и пет скока, а Дилон Брукс и Шаи Глиџеус-Александер додадоа по десет поени.
На Олимпијадата во Франција, САД се во група со Србија, Порторико и Јужен Судан, додека Канада ќе игра во група со Шпанија, Грција и Австралија.
Американските медиуми доста пишуваа за инцидентот кој се случи откако беше одлучено Кави Ленард да не патува на Игрите во Париз. Во американската репрезентација одлучија негова замена да биде Дерик Вајт, кошаркарот на Бостон Селтикс, што многу го налути неговиот соиграч од Селтикс, Џејлен Браун, инаку најкорисен играч во финалето на НБА во кое Бостон го освои победничкиот прстен против Далас Маверикс.
Браун обвини дека списокот на репрезентативци во голема мера го одредува гигантот во индустријата за спортска опрема „Nike“, спонзорот на репрезентацијата на САД, и дека тој самиот платил висока цена за тоа бидејќи како спонзор го има „Adidas“ од влегувањето во светот на НБА. Неговите наводи веднаш беа демантирани од Грант Хил, поранешна НБА ѕвезда, а денес директор на американската репрезентација.