Пливачка пронајдена на 80 километри од брегот по 36 часа во морето

Жена која пливала покрај плажа во Јапонија, била пронајдена на 80 километри од брегот, откако поминала 36 часа во морето пливајќи, соопштија јапонските власти во четвртокот.

Крајбрежната стража во понеделникот околу 20 часот добила дојава за исчезнување на кинеска државјанка во Шизоука, во централна Јапонија, а веднаш била започната операција за пребарување и спасување.

Жената, чиј идентитет не се соопштува, им рекла на спасувачите дека ја одвлекло морето и дека не можела да се врати на плажата, бидејќи пливала со бова.

„Конечно беше спасена во средата околу 08:00 часот во водите крај јужниот дел на полуостровот Босо, во префектурата Чиба, источно од Токио“, изјави претставник на локалната власт.

„Меѓу плажата и местото на коешто е пронајден има околу 80 километри воздушна линија“, додаде тој.

Пливачката е пренесена во болница, но нејзиниот живот не е загрозен.