Многу сум претпазлив во се што ќе правам, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков и нагласи дека конечно треба културата да стане профитабилна дејност и стопанска гранка, релевантен фактор во економијата во Македонија.
Приоритет ни се креативните и културни индустрии, истакна Љутков вечерва во Вин Вин на Телма. Според него, тоа е дејност што може културата конечно да ја направи профитабилна.
Културниот туризам, според Љутков, моментално е најзастапен во Македонија и таму влегуваат најмногу средства од посетата на големиот број туристи, од посетата на арехолошки локалитети, како што се Стоби, Старата Скопска чаршија…
Прашан што се приоритетите, министерот Љутков посочи дека сега се откочуваат сите оние процеси кои биле „закочени“ со години. Такви има десетици, подвлече, и ги посочи зградите на театрите во Старо Нагоричане, Плаошник, кумановскиот и турскиот театар…
Тој рече дека не е точна информацијата дека ќе се укине наградата „Мето Јовановски“ .
– Јас сум уметник, а уметноста е секогаш тука за да го критикува општеството, поединецот, власта,… и како уметник јас ја слушам фелата, а помалку политиката, истакна Љутков.
Најави дека многу повеќе ќе се трошат средства на институционална и националната култура, бидејќи, како што рече, институциите ни се девастирани во овој период.
– Ние не можеме да размислуваме за некакви модерни, современи решенија, на некоја независна култура, кога имате разрушени национални институции. Ние треба да си останеме на, еве ако сакате наречете ја конзервативната култура, но формата можеби треба да биде поинаква. Ние мора нашата култура и традиција на децата да им ги сервираме такви какви што се. А начинот на кој ќе бидат презентирани. Тоа се сложувам дека да бидат современи форми со кои ќе се идентификуваат, рече Љутков.
За министерот Љутков голем предизвик и е многу важно во 2028 година Градот Скопје да биде Европска престолнина на културата.
Прашан за Универзална сала, министерот за култура и туризам рече дека во овој момент можеби не е толку важна изградбата на Универзалната сала во Скопје, затоа што, подвлече, таа секако не може да се заврши во рокот до 2028 година.
Тој се осврна и на Агенцијата за филм, при што потенцира дека немало проблем до 2017 година затоа што реално имало средства и биле поделени критериумите.
– Денес никој нема пари за да снима. Веќе пет години чекаат на ред филмовите. Само треба да не се краде и тоа е доволно. Критериумите за филм се многу точни, Зкаонот за филмската дејност е добар, само треба да се менаџира квалитетно, да не се краде како што се крадело во годините наназат, поготово последните три – четири, да не се изигрува законот и да бидеме точни, порача меѓу другото министерот за култура и туризам Љутков.