Апелацискиот суд во Брисел го отфрли барањето на белгискиот лобист Фредерик Балдан за спречување на реизборот на Урсула фон дер Лајен на функцијата претседателка на Европската комисијата.
Апелацискиот суд ја одби жалбата на Балдан, кој е лобист специјализиран за односите меѓу ЕУ и Кина, на претходна пресуда за истото барање на првостепен Суд во Брисел, оценувајќи ја како неоснована.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Балдан лани во април во Судот во белгискиот град Лиеж поднесе кривична пријава против Фон дер Лајен, под обвинение за злоупотреба на службената положба, уништување јавни документи и корупција при постигнувањето договор за набавка на вакцини против Ковид-19 со компанијата „Фајзер“. Според пријавата на Балдан, набавката на вакцини Фон дер Лајен ја договорила со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла преку СМС пораки.
Бидејќи Судот во Лиеж се уште нема донесено пресуда по пријавата, адвокатката на Балдан веднаш по евроизборите иницираше процес по скратена постапка пред првостепен Суд во Брисел со барање да се блокира реизборот на Фон дер Лајен. Според Баладан, доколку Фон дер Лајен биде реизбрана, тој и другите тужители би можеле да се соочат со одмазда и затоа побара и Судот да му овозможи заштита согласно Директивата за укажувачи на ЕУ.
Бриселскиот првостепен Суд кон крајот на минатиот месец ги отфрли аргументите на Балдан против реизборот на Фон дер Лајен и за негова заштита како укажувач, оценувајќи дека „не утврдил ризик од сериозни предрасуди или сериозни непријатности што би оправдале итна одлука“.
Сепак Балдан и неговата адвокатка инсистираат дека тој ги исполнува условите за да се смета за „свиркач“. Адвокатката на Балдан изрази жалење поради судската одлука дека тужителот треба да докаже зошто би требало да се смета за „свиркач“, истакнувајќи дека таквото барање е спротивно на Директивата на ЕУ за укажувачи и на белгиското право.
По ова, таа најави жалба на одлуката на првостепениот Суд и изрази надеж дека решението по неа ќе биде донесено пред гласањето во Европскиот Парламент за реизбор на Фондер Лајен.
Сегашната одлука на Апелацискиот суд беше донесена врз основа на оваа жалба.
Инаку, Европскиот парламент треба да гласа за реизборот на Фон дер Лајен на 18 јули.