Уапсено 40-годишно лице во врска со пронајдените малолетници во безсознание

Во петокот (12.07.2024) во 13.57 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Скопје, во двор од куќа, сопственост на 40-годишниот Д.Ѓ.од Скопје, тој бил физички нападнат со тврд предмет од малолетник.

Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот, при што затекнале четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци, а на местото на настанот биле пронајдени и остатоци од работи кои ги консумирале, за кои дополнително ќе се врши вештачење за да се утврди нивната содржина.

Малолетните лица со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.

Известен бил јавен обвинител, кој излегол на лице место. Во 16 часот полициски службеници го лишиле од слобода Д.Ѓ..

Во саботата (13.07.2024) во тек е увид под раководство на јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Претходно во петокот беше известено дека четворица малолетници во тешка здравствена состојба се примени на Клиниката за токсикологија, откако попладнето биле пронајдени во куќа во Скопје.

Малолетните лица кои се на возраст меѓу 14 и 17 години се хоспитализирани на клиниката, а тие биле донесени со пореметена свест и бројни повреди по телото, потврди за Курир директорот на клиниката, Андон Чибишев.

„Малолетниците се хоспитализирани и се преземени мерки за реанимација. Во моментов двајца од нив се на Токсикологија со подобрена општа состојба која оди кон подобро, додека другите двајца се во потешка состојба и се испратени на дополнителни иследувања кои треба да се анализираат“, изјави Чибишев за Курир.