Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека во гаснењето на пожарот во неготинско од утре рано наутро покрај воздушна поддршка ќе биде вклучена и механизација.
-За утре рано наутро покрај луѓе се обезбедени два авиона, три хеликоптери, шест цистерни, пет големи булдожери, три багери и една утоварна, со цел поголема ефикасност во гаснењето на пожарот во неготинско, стои во објавата на Фејсбук.
Како што пишува во објавата, ова било одлучено на координацијата со секретарот на Општина Неготино, Марија Нацева, Стојанче Ангелов од ЦУК, како и командирите на ТППЕ Кавадарци и Неготино и ЈП Комуналец од Кавадарци и Неготино.
Претходно во текот на денот, Јанчев објави дека заедно со градоначалникот на општина Неготино и Противпожарната единица Кавадарци, се на терен на Серта и Војшанци, со цел да се изнајде решение и заеднички со сите ресурси и механизација, да се успее во гаснењето на пожарот, што деновиве се шири во овој дел.