Бугарските пожарникари се борат со повеќе шумски пожари среде топлотниот бран, а најтешко е погоден југоисточниот дел на земјата, објавија медиумите во неделата.
Според официјалните извештаи, горат повеќе од 7.300 хектари шума и земјоделско земјиште во регионот Свиленград во близина на тромеѓето со Грција и Турција. Во некои области е прогласена вонредна состојба, но нема информации за повредени.
Пожарите во регионот би можеле да се преселат во Турција, јави приватната телевизија bTV.
Армијата е распоредена за гаснење на пожарите во регионот на Пловдив на југот. Сообраќајот во областа беше пренасочен поради пожарот покрај автопатот кон Варна на Црното Море.
Топлотниот бран, прв ова лето, најверојатно ќе продолжи а температурите ќе се искачат над 40 степени Целзиусови во многу области, прогнозираат синоптичарите.