Американскиот претседател Џозеф Бајден, во интервју за Ен-Би-Си њуз изјави дека згрешил што ги охрабрил своите поддржувачи да го направат републиканскиот кандидат Доналд Трамп „нивна мета“, но нагласи дека насилната реторика е проблем што го има Трамп, а не тој.
– Грешка беше да се употреби тој збор. Мислев дека треба да се фокусираме на него. Фокусирајте се на она што тој го прави, фокусирајте се на неговите политики, фокусирајте се на бројот на лаги што ги кажал во дебатата … Јас не сум тип кој кажува такво нешто. Јас не сум тип кој одби да го прифати исходот од изборите. Јас не сум тип кој рече дека нема да го прифати исходот од овие избори. Фокусот е на она што тој (Трамп) го зборува и на неговата идеја, рече Бајден.
Најден на 8 јули, говорејќи за неговиот слаб настап во ТВ дебатата, им кажа на донаторите дека има една задача, а тоа е „да го победи Трамп“.
– Доста се зборува за ТВ дебатата. Тој треба да биде погоден во центарот, рече тогаш Бајден.
Американскиот претседател е под зголемен притисок од неговите пратеници, донатори и активисти да се откаже од изборите по лошиот настап во дебатата со Трамп, но тој цврсто ја отфрли можноста да ја напушти претседателската трка. Тој во интервјуто повтори дека нема да ја напушти претседателската трка иако некои демократски лидери се скептични за победата на Бајден.
– Под еден, да стар сум, но само три години сум постар од Трамп. Под два, мојата остроумност е прилично добра. За кратко време направив повеќе од кој било претседател, рече Бајден.
Новата анкета спроведена од Ен-Би-Си њуз покажа дека Трамп води пред Бајден со два процентни поени.
Анкетата, исто така, покажа дека повеќе од 60 отсто од демократите сакаат некој друг да го пополни местото на Бајден, додека 80 отсто од гласачите изјавиле дека се загрижени за менталните и физичките способности на Бајден.
Неколку републикански пратеници ја обвинија реториката на демократската кампања за поттикнување на пукањето во саботата на републиканскиот предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, во кое беше повреден Трамп.