Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, придружувана од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин во текот на денешниот ден ги посети припадниците на Армијата, кои се ангажирани на гасење на пожарите во реонот на Пепелиште, Неготинско, кое е едно од критично зафатените подрачја со пожари во државата.
Претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за активностите кои ги презема Армијата во асистенција на сите инволвирани субјекти во гасењето на пожарите на терен и од воздух, како и за актуелната ситуација на терен.
При обиколката на опожарените места во околината на Пепелиште и Криволак, претседателката беше запознаена за ангажираните армиски капацитети, реоните и начинот на ангажман, како и за координацијата и обврските на Армијата со останатите субјекти при локализирање на пожарите во овој реон.
Притоа претседателката изрази признание до сите припадници на Армијата, кои професионално и посветено се ангажираат во справувањето со пожарите.
Во текот на изминатите два дена, согласно прогласената кризна состојба и одлуката на претседателката за ангажирање на припадници на Армијата, стотина припадници на Армијата од вториот пешадиски баталјон и два хеликоптера и персонал од воздухопловниот ВИНГ, во координација со надлежните структури се ангажираат во гасење на пожарите на неколку локации на планината Серта.