Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 84 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи падот на залихите во САД ја засени загриженоста за кинеската побарувачка.
На лондонскиот пазар цената на барелот во раното попладневно тргување беше за 55 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 84,28 долари. Вчера пазарот го затвори со загуба од 1,12 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот денеска се тргуваше по повисока цена од 75 центи, по 81,51 долар. Вчера го затвори тргувањето со загуба од 1,15 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поевтинил за 87 центи на 84,44 долари.
Трговците на почетокот на неделата беа загрижени од податоците од Кина, кои сигнализираа послаб раст на активноста во вториот квартал. Кинескиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 4,7 отсто во периодот од април до јуни, објави во понеделникот кинеското биро за статистика, со континуиран пад на пазарот на недвижности и послаба лична потрошувачка. Во првиот квартал годинава беше зголемен за 5,3 отсто.
Во средата, пазарите беа смирени од знаците на силна побарувачка во САД во екот на летната сезона на патувања. Залихите на нафта паднаа минатата недела за 4,4 милиони барели, велат изворите, повикувајќи се на податоци од здружението на производители на API. Министерството за енергетика во текот на денот ќе објави официјални податоци.
„Големата вест ќе бидат податоците што владата ќе ги објави попладнево“, вели Џон Еванс од PVM, истакнувајќи дека извештајот за залихи на нафта на API не го одразува точно влијанието на ураганот Берил и привременото исклучување на нафтените постројки.
Во исто време, аналитичарите шпекулираат дека американската централна банка би можела да ги намали клучните каматни стапки во септември, бидејќи потрошувачките цени паднаа на месечна основа во јуни за прв пат од почетокот на пандемијата. Пониските трошоци за задолжување би ја поттикнале економската активност, што би значело и поголема побарувачка за енергетски производи.
„Послабите економски резултати на Кина беа противтежани со широко распространетите очекувања дека каматните стапки во САД ќе бидат намалени во наредните месеци“, заклучува независниот нафтен аналитичар Гаурав Шарма.