Убиен српски граничен полицаец, уште еден тешко ранет

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, потврди дека во текот на ноќта кон четвртокот во Лозница еден полицаец е убиен а друг е тешко ранет, додека припадниците на српското Министерство за внатрешни работи на местото на пукањето пронашле косовски пасош на осомничениот на име 33-годишниот Хајзири Артан и германска лична карта.

„Синоќа околу 00,55 часот во Лозница, при контрола на возило на пункт во Липнички Шор, полициски службеници од Граничната полициска станица Трбушница запреле ‘мерцедес’ со регистарски таблички од Тутин, во кој имало две лица“, стои во соопштението на српската полиција.

При излегувањето од возилото, едно лице пукало од пиштол во градите на полицаецот, 34-годишниот Никола Крсмановиќ, и во рамото на 50-годишниот полицаец Вјекослав Илиќ, по што избегало.

Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде Крсмановиќ им подлегнал на повредите.

Големи полициски сили интензивно трагаат по напаѓачот, на терен се полициски службеници од министерството и полицијата во Шабац, како и од Управата за криминалистичка полиција, Управата за гранична полиција и припадници на Специјалната антитерористичка единица, а покренати се и беспилотни летала и хеликоптери, се наведува во соопштението.

На местото на престрелката полицијата го пронашла пасошот на осомничениот, издаден од институции на поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија, на име Хајзири Артан роден 1991 година.