Актуелниот светски шампион во десетбој, 28-годишниот Канаѓанец Пирс Лепејџ, беше принуден да се повлече од Олимписките игри во Париз, поради оштетување на дискот во ‘рбетот. Повредата е од таква природа што Лепејџ ќе мора да оди на операција.
Лепејџ ја објави веста за откажување од сонот за освојување олимписки медал во долго видео на Instagram, во кое вели дека до неодамна се надевал дека ќе може да ја игнорира болката и да се бори за својот прв олимписки медал, но дека не е подготвен да се изложува на ризик од влошување на повредата пред следната сезона.
„Последниве неколку месеци беа исцрпувачки, во најмала рака. Навистина е тешко да се види како вашиот сон се разлева, иако се трудите колку што можете да спречите тоа да се случи”, вели Лепејџ во видеото.
Покрај титулата светски шампион, Лепејџ има и сребрен медал од светското првенство одржано пред две години. На почетокот од оваа седмица тој ја дозна вистината за изреката дека несреќата никогаш не доаѓа сама, кога тестирајќи ја состојбата на ‘рбетот, ги повреди раката и рамото за време на тренинзите за скок со стап кога му пукна мотката.
„Ова е најпроклетата сезона што сум ја имал“, рече Лепејџ, додавајќи:
„Мислам дека најтешкиот дел од неодењето (на Олимпијадата) е тоа што се чувствувам како да изневерувам многу луѓе кои ме поддржуваа. Тоа ќе беше првпат моето семејство да дојде (на Олимпијадата), така што ова беше непријатно и жалам поради тоа, но ако нешто научив од оваа повреда, тоа е дека сум прилично издржлив и навистина можам да продолжам кога треба“.
Лепејџ го имаше своето олимписко деби пред три години во Токио и го освои петтото место. Таму златото го освои неговиот сонародник Демијан Ворнер, кој е меѓу главните фаворити и за победа во Париз. Тоа би бил и Лепејџ, чиј личен рекорд е 8.909 поени.
„До последната седмица мислев дека ќе можам да протуркам и да можам да одам (во Париз), но не можам да се вратам во процесот одеднаш, без разлика колку напорно се трудам. Одлучував дали да одам на Олимпијада, да освојам 7.000 поени, ако и толку, или да се повредам и да ризикувам идна долгорочна штета. Сакам да ја одбранам светската титула следната година во Токио“, изјави Лепејџ.