Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска информираше дека нема пријавено проблеми во компјутерските системи на државните институции, откако за системски падови медиумите јавија дека се случиле низ повеќе земји во светот.
Андоновски рече дека добро во ситуацијата е што не станува збор за сајбернапад и дека добиле информации дека станува збор за несоодветност на ресурсите на платформата Мајкрософт.
– Тоа е нивното известување, и дека одредени институции коишто биле поврзани на таа платформа преку нивните сервиси, имало некои недостаток и предизвикале некој пад на системот. Што се однесува до државните институции, во постојана комуникација сме и со министерката за енергетика, но и со другите одговорни лица, не се пријавени до сегашни падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува. Дополнителни информации може да имаме во текот на утрешниот ден, но како што ја гледам ситуацијата во моментот, станува изолиран инцидент во Мајкрософт и со него поврзани системи, така што не очекувам да има повеќе проблем во државните институции, истакна Андоновски, кој во тетовско Јегуновце потпиша меморандум за соработка со градоначалникот Димитар Костадиноски, со цел отворање на административна канцеларија за „Една точка за услуги“.
Според министерот државата има стратегија за работа во областа на заштита во сајбер просторот. Се формира работна група со стручни лица кои ќе работат на изработка на стратегијата за сајбер безбедност и изработка на законот за сајбер заштита.
– Можам да кажам дека од најголемиот дел од институциите веќе ги одобривме номинациите од сите државни институции засегнати. Ние ќе го водиме процесот заедно со нашите партнери, меѓународни партнери во НАТО, за изработка на стратегија за сајбер безбедност, закон за сајбер заштита и патоказ протокол како се однесуваме во случај на инциденти кои можат да се појават. Видите, овој свет е под напад, постојано се развива и постојано трпи напади, но кога имате јасен одговор од страната на државите, проблемите со кои ќе се соочите и последиците со кои ќе се соочите, се секогаш помали но многу е важно да имаме системски пристап и стратешки да се позиционираме за да се заштитиме, изјави Андоновски.