Палестинските терористички групи Хамас и Исламски џихад го повикаа раководството на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) да го повлече признавањето на Израел како одмазда за резолуцијата одобрена од Кнесетот со која се отфрла формирањето на палестинска држава.
Двете групи го објавија ова доцна синоќа по состанокот во заливската земја Катар меѓу лидерот на Хамас Исмаил Ханије и шефот на Исламскиот џихад Зиад Нахалех и неговиот заменик Мохамед ал-Хинди, се вели во соопштението на Хамас.
Двете групи велат дека палестинскиот народ има право да формира своја независна држава со Ерусалим како главен град.
Палестинската ослободителна организација (ПЛО) е основана во 1964 година за време на првиот арапски самит во Каиро, каде лидерите на 13 арапски земји ветија дека ќе преземат поактивна улога за „ослободувањето на Палестина“. Оттогаш организацијата се декларира како претставник на палестинскиот народ и неговите националистички аспирации.
Седиштето на организацијата е во градот Ал Бира на Западниот Брег, а повеќе од 100 земји со кои има дипломатски односи ја признаваат како единствен легитимен претставник на палестинскиот народ.
По тајните преговори со Израел во Осло, на 9 септември 1993 година, Арафат испрати писмо до израелскиот премиер Јицак Рабин во кое го признава правото на Израел да постои, за возврат, Израел ја призна ПЛО како „официјален претставник“ на палестинскиот народ и започна официјални преговори со нив. Повелбата беше ревидирана на гласање од страна на Парламентот на палестинската управа во присуство на американскиот претседател Бил Клинтон во декември 1998 година.