Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставување камен темелник на нова детска градинка во Трубарево, Општина Гази Баба, каде одговарајќи на новинарско прашање за критиките на опозицијата дека ребалансот на буџетот не е развоен, истакна дека сегашната опозиција мисли дека што повеќе измислува и критикува ќе остави поголем впечаток кај граѓаните. Но, вистината е дека оставија буџет без 5 милијарди денари за пензионерите и 3,7 милијарди денари за земјоделците.
„Наша задача е да работиме за граѓаните и за државата. Имаме различни цели. Нивната цел е да измислуваат и да критикуваат, по можност колку повеќе, а со тоа мислат дека оставаат поголем впечаток кај граѓаните. А, наша цел е колку повеќе вакви проекти да сработиме. Ние ќе си ја тераме нашата работа, а тие нека си ја тераат нивната. Догодина има локални избори и граѓаните ќе кажат на избори кој за што е. Дали тоа тие што го кажуваат или ова ние што го работиме“, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека тие што сега критикуваат го оставија буџетот со помалку 5 милијарди денари за пензионерите и помалку 3,7 милијарди денари за земјоделците.
„Ќе напоменам дека оставија буџет без 5 милијарди денари редовни за пензионерите. Пет милијарди денари немаше. Зошто? Затоа што шверцерски исплатиле една пензија во фискална година за претходната фискална година. Јануари за декември. Еве тоа е реалноста, само тоа ќе ви кажам. Пет милијарди денари заборавиле некако, не знам како. Бидејќи велат дека има пари, еве нека дојдат да им покажам и емпириски да видат како заборавиле 5 милијарди денари за пензионерите. Постоеше можност да нема за пензионерите пензии, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Заборавиле 3,7 милијарди денари за земјоделците, прашајте ги нека ви кажат. Ги нема, па моравме да ги наоѓаме. Сега милијарда и 700, па до година уште две милијарди итн. Заборавиле, да речеме, некаде околу половина милијарда за плати за национални шуми, а нели и конкурси објавуваа пред избори. А, заборавиле пола милијарда евра да им помогнат бидејќи луѓето 4 месеци плата не земале и сега нема кој да помага во гасењето на пожарите“, рече Мицкоски.