-Не мислам дека треба да се расфрламе со имотот на граѓаните и тој да се користи на начин надвор од законот, посочи премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го случајот со дипломатските пасоши кои ги бараат антикорупционерите.
Мицкоски денеска на поставувањето на камен-темелник за изградба на нова градинка во Трубарево, во одговор на новинарско прашање во врска со барањето дипломатски пасоши од страна на членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) рече дека Министерството за надворешни работи ќе даде информација дали членовите побарале или не побарале дипломатски пасоши, како и која е политиката на Министерството по ова ова прашање.
– Немам информација во врска со дипломатските пасоши на луѓе од Антикорупциска комисија. Се надевам министерот за надворешни работи ќе даде одговор на ова прашање и мислам дека МНР ќе ви даде информација, рече Мицкоски.
Досега дипломатски пасош добила само претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, која вели дека е легитимно право на секој член да си побара, а институцијата ќе цени дали му следува. Според Димитровска, дипломатските пасоши им се потребни на членовите на ДКСК поради честите службени патувања во странство и затоа што се тие функционери именувани од Собранието.