Британскиот принц Џорџ во понеделникот наполни 11 години, па дворецот Кенсингтон објави нова негова фотографија по тој повод.
„Денеска му посакуваме среќен 11-ти роденден на принцот Џорџ“, објави Дворецот на платформата X покрај црно-белата фотографија на момченцето, кое е второ по наследниот ред за тронот по неговиот татко Вилијам. Автор на фотографијата е неговата мајка, принцезата Кетрин од Велс.
Џорџ, внукот на кралот Чарлс Трети, последен пат беше виден во јавноста на 14 јули, кога заедно со својот татко го гледаше финалето на Европското фудбалско првенство во Берлин, во кое Англија загуби од Шпанија.
Медиумите потсетуваат на тешката година на британското кралско семејство. И принцезата од Велс и кралот се лекуваат од рак, но и двајцата имаа доволно сила да присуствуваат на јавни настани во последните седмици.