Претседателката Гордана Сиљановска Давкова попладнево оствари телефонски разговор со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ. Во разговорот беа потврдени одличните билатерални односи и беше истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско – српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји, информираа од претседателскиот кабинет.
„Во пресрет на државниот празник 2 Август – Илинден, а во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи, претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ, изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ)“ – стои во соопштението.
Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност до претседателот Вучиќ за укажаната помош во справување со актуелните шумски пожари во земјава и ја потенцираше неопходноста и важноста од засилена регионална соработка во справување со природните катастрофи.
„Срдечен разговор со претседателката Гордана Силјановска Давкова за најважните прашања од нашите билатерални, а особено економските односи, како и за местото на Србија и Северна Македонија на агендата на проширувањето на Европската унија и взаемната поддршка на патот кон ЕУ. Претседателката на Северна Македонија се заблагодари за помошта што Србија ја пружи во гаснењето на пожарот, а јас посочив дека важноста на регионалната соработка е во тоа што можеме да си помогнеме на најдобар и најбрз начин. Се договоривме заедно да го посетиме манастирот Прохор Пчински на Илинден, што исто така ќе биде одлична можност за дополнително зајакнување на врските меѓу нашите два народи“ – напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.