Руски и кинески стратешки бомбардери способни да носат нуклеарно оружје патролираа во четвртокот во близина на американската сојузна држава Алјаска во северниот Тихи Океан и Арктикот, потврдија двете земји откако за тоа извести Северноамериканската команда за воздушна одбрана (NORAD), што ги натера САД и Канада да испратат свои бомбардери.
По два руски стратешки бомбардери „Ту-95МС“ (Мечка) и кинеските стратешки бомбардери „Xi’an H-6“ учествувале во патроли над Чукиското и Беринговото Море и северниот Тихи Океан, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Во текот на летот, руските и кинеските екипажи соработуваа во нова област на заеднички операции во сите фази на воздушната патрола. Во некои фази од рутата, воздушната група беше придружувана од борбени авиони од странски земји“, објави Москва.
Во петчасовниот лет руските и кинеските бомбардери биле придружувани од руски ловци „Сухој Су-30СМ“ и „Су-35С“. Русија не го нарушила воздушниот простор на ниту една странска земја, тврди руското Министерство.
Северноамериканската воена воздушна одбранбена команда (NORAD) соопшти дека американски и канадски борбени авиони пресретнале авиони на Русија и на Народна Република Кина во идентификациската зона на воздушната одбрана на Алјаска (ADIZ).
„Рускитe и кинескитe авиони останаа во меѓународниот воздушен простор и не влегоа во американскиот или канадскиот суверен воздушен простор. Оваа руска и кинеска активност во ADIZ на Алјаска не се смета за закана и NORAD ќе продолжи да ги следи активностите на конкурентите во околината на Северна Америка“, се додава.
„Заедничката патрола ја продлабочи стратешката меѓусебна доверба и координација меѓу двете војски. Тоа нема никаква врска со моменталната меѓународна ситуација’, изјави Џанг Ксијаоганг, портпаролот на кинеското Министерство за одбрана.
„Настанот се одржа како дел од спроведувањето на планот за воена соработка од 2024 година и не беше насочен против трети земји“, соопшти Русија.