Муцунски на средби со Гир, Силвестри, Памер и Шредер

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, оствари одвоени средби со амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир, амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер  и Јирген Шредер, економски советник, шеф на Advantage Austria за регионот.

На средбата со амбасадорот Гир, беше реафирмиран силниот фокус на новата Влада кон забрзување на евроинтегративниот процес на земјата и испорачување на реформи кои ќе значат опиплив напредок за граѓаните, пред се во делот на обезбедување економски развој и унапредување на владеењето на правото и борбата со високата корупција.

Беше уште еднаш истакната и важноста на евроинтегративниот процес за стабилноста на регионот и, во таа смисла, потребата од што поскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст. Во врска со Планот за раст за Западен Балкан кој претставува значаен политички и финансиски влог на ЕУ за забрзување на интеграцијата на земјите од овој простор  во Унијата, Министерот Муцунски подвлече дека новата влада за многу краток рок донесе решенија и деновиве ја достави Реформската агенда на земјата до ЕК. 

Во разговорот со амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, беа поздравени билатералните односи и готовноста за нивно зајакнување особено во делот на културата и економијата. Воедно, заеднички учествуваа на церемонија по повод доделувањето сертификати на наши дипломати за успешно завршен курс по италијански јазик. Ваквиот пристап претставува уште една дополнителна потврда за готовноста за зајакнување на културните врски и приближувањето на двете пријателски земји.

Со амбасадорот Памер и економскиот советник Шредер, заеднички беше констатирано дека и покрај постигнатиот обем на трговска размена, сѐ уште има голем простор и услови за продолжување на трендот на зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Имено, со Австрија, како наш најголем инвеститор, партнер и пријател на нашата земја, економската соработка, инвестициите и трговските односи треба и понатаму да се охрабруваат. Покрај разменета на мислења во врска со билатералната економска соработка меѓу двете земји, беа претставени и економските приоритетите на Владата за привлекување на странски инвестиции.

Advantage Austria е организација за промоција на трговијата на Австриската Федерална економска комора, која има повеќе од 100 канцеларии во над 70 земји, меѓу кои и во нашата земја. Обезбедува услуги за развој на бизнисот за австриските компании но и за меѓународните деловни партнери.