Поранешниот руски заменик-министер за одбрана, генерал Дмитриј Булгаков, кој беше задолжен за логистичка поддршка на војниците, е уапсен под обвинение за корупција и одведен во истражниот затвор Бутирка во Москва, соопшти во петокот прес-службата на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
„Федералната служба за безбедност заедно со Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет го уапсија поранешниот заменик министер за одбрана, армискиот генерал Д. В. Булгаков и го однесоа во истражниот затвор бр. 2 како дел од кривичната истрага за корупција“.
Во тек се истражни и оперативни мерки за утврдување на сите околности и причини кои придонеле за незаконската активност на Булгаков, се вели во соопштението.
Булгаков има 69 години. Работел како заменик министер за одбрана задолжен за логистичка поддршка на руските вооружени сили од 2008 до 24 септември 2022 година. Во 2016 година ја доби титулата Херој на Русија.
Русија го разреши генерал Дмитриј Булгаков во 2022 година, во време кога се одвиваше кампањата за мобилизација и во време кога руската офанзива во Украина се соочуваше со потешкотии.
На негово место дојде генерал-полковник Михаил Мизинцев, кој раководеше со бруталната опсада на пристанишниот град Мариупол.