Банско и годинава ќе биде хит меѓу Македонците кои сакаат да скијаат или едноставно да уживаат во зимските убавини. Овој зимски центар е многу поконкурентен од нашите зимски туристички центри, бидејќи има поголем број на хотели со различен број на ѕвезди во кои се нудат програми и различни содржини, а има и поголем број на скијачки патеки.
Македонците повеќе го преферираат Банско поради малиот број на хотели во нашите зимски туристички центри и недостатокот на содржини откако ќе заврши скијањето кое вообичаено е до 16 часот. Не земајќи го предвид и ноќното скијање.
„Ако не скијаш, во хотелите на нашите планини нема што да правиш.Со исклучок на неколку кои нудат и дополнителни содржини. Оттука и истите не се конкурентни на Банско. Но освен содржините, големо влијание има и цената.Најчесто се случува цената во нашите хотели без никаква содржина да биде поскапа од цената во хотелите во Банско каде што и оние со две ѕвезди имаат спа центри. Во зависност од категоризација на хотелите, зависи и цената но исто така и квалитетот на услугите како и убавината на спа-центрите. Но има за сечиј џеб, па оттука Банско е атрактивен за секого,“ вели Зоран Јовановски, од една скопска туристичка агенција.
Сопствениците на хотелите немаат интерес да инвестираат, бидејќи стравуваат дека инвестицијата никогаш нема да ја вратат, а и не можат да се натпреваруваат со соседството кое го собира колачот.И затоа со години хотелите не се реновираат и не се вложува во нив.Познавачите на состојбите велат дека нашите планини функционираат викендашки, па поради близината се оди само на викенд. Преку неделата речиси се празни.
Огњан Циговски од ски-центарот „Заре Лазаревски“ во една прилика за Нетпрес изјави дека не смета дека Банско им ги зема скијачите на македонските зимски центри. Според него, викендашите сепак најповеќе заминуваат на Маврово поради близината.
„Сепак не мислам дека Банско ни ги зема скијачите, бидејќи тие таму ќе појдат еднаш или двапати во сезона, а овде доаѓаат секој викенд. Во Маврово има и 1600 викендици така што бројот на викендаши кај нас е поголем,“ изјави тој.
Двата хотели „Славија“ и „Попова Шапка“ можат да примаат максимално 400 гости, а капацитет на патеките е 1500-2000 скијачи Тоа е недоволен капацитет за да се примаат сите гости, но со инвестициите најавувани од ЕЛЕМ бројката на леглата ќе се зголеми.
До сега како пречка се појавуваше и инфраструктурата, и одржувањето на патиштата. Но некои од оштетувањата се санирани, па оваа година нема да го има тој проблем.
Се проценува дека секоја сезона Банско го посетуваат околу три илјади туристи од Македонија.