Над 30.000 работни места ќе бидат згаснати во „Deutsche Bahn“

Германската железничка компанија „Deutsche Bahn“ пријави значително поголема загуба во првата половина од годината и најави дека во следните пет години ќе укине околу 30.000 работни места.

Во периодот од јануари до јуни, „Deutsche Bahn“ работела со нето загуба од 1,2 милијарди евра, повеќе од трипати поголема од истиот период лани. Приходите се намалени за три отсто, на 22,3 милијарди евра.

Компанијата минатата година ја заврши во минус, од 2,4 милијарди евра, приближно десет пати повеќе отколку во 2022 година, истакнувајќи ги инвестициите во модернизацијата на железницата, високите трошоци за енергија и задолжување и штрајковите. Нејзините инвестиции во првите шест месеци достигнаа 7,3 милијарди евра и беа за 18 отсто поголеми од лани.

Германскиот логистички гигант инвестира во инфраструктурата со поддршка на Владата, а менаџментот меѓу оптоварувањата на бизнисот ги посочува штрајковите и проблемите со одржувањето.

Владата веќе и исплатила три милијарди евра на групацијата, така што нето финансискиот долг на крајот на јуни бил за една милијарда евра помалку од лани, забележуваат оттаму. Сите делови од работењето на „Deutsche Bahn“ мора да се вратат на профит, нагласи главниот финансиски директор Левин Холе.

„За да го постигнеме ова, мораме значително да ја подобриме трошковната ефикасност“, додаде Холе и рече дека „нивната цел е да го намалат бројот на постојано вработени во следните пет години за околу 30.000“.

Планираниот број отпуштања приближно одговара на „природниот промет“ на работниците во период од две години, рече Холе, додавајќи дека само оваа година ќе бидат укинати 1.500 административни работни места.

„Во иднина мораме да обезбедиме повеќе железнички услуги со помалку луѓе“, заклучи финансискиот директор на „Deutsche Bahn“, додавајќи дека дигитализацијата и автоматизацијата ќе им помогнат во административните „процеси“.