Трамп им порача на христијаните: Гласајте уште сега, ако победам, нема да мора веќе да гласате

Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, предизвика незадоволство со тоа што им порача на христијаните дека „нема да мора повеќе да гласаат“ доколку биде реизбран во Белата куќа во ноември.

На предизборниот митинг во Флорида пред конзервативните христијани во петокот вечерта, 78-годишниот Трамп ја повика толпата да гласа за него на претседателските избори на 5 ноември, тврдејќи дека тоа ќе биде само еднаш.

-Христијани, излезете и гласајте! Само овој пат. Нема да мора повеќе да го правите тоа. Уште четири години, знаеш што? Ќе се среди. Ќе биде добро. Нема да морате повторно да гласате, убави мои христијани“, рече Трамп.

Останува нејасно што точно мислел Трамп.

Поранешниот претседател е секогаш провокативен во предизборната кампања и намерно остава простор за толкување.

Тимот на кампањата на неговиот политички ривал, демократката Камала Харис, ја гледа изјавата на Трамп како показател дека сака да ја „укине демократијата“ доколку се врати во Белата куќа.

-Кога потпретседателката Харис вели дека ова се избори за слобода, таа го мисли тоа, рече портпаролот.

-Нашата демократија е нападната од криминалецот Доналд Трамп: откако Трамп ги загуби последните избори, тој испрати толпа да ги поништи резултатите. Во оваа кампања тој вети насилство ако изгуби, крај на нашите избори ако победи и укинување на Уставот за да може да биде диктатор и да ја спроведе својата опасна агенда Проект 2025 во Америка, велат од тимот на кампањата на Харис.