Изет Меџити, првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, ја коментираше изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев во однос на балансерот. Тој рече дека сегашната коалиција е стабилна.
–Од 90-тите години досега немало постабилна коалиција, 78 пратеници со тенденција да преминат 80 и да има две третини не се случило никогаш во државата. Во владината коалицијата сме заедно, но не сме исти, не сме едно. Различни сме, имаме во некои случаи различни размислувања, но имаме капацитет да разговараме, преговараме, да најдеме компромисни решенија и да одиме напред. Во однос на балансерот, тоа што го кажа министерот Минчев мислам дека не е во рамки на законот. Во законот точно се наведува дека правичната застапеност треба да биде според процентуалната застапеност на населението, не вели на резидентно или нерезидентно. Оваа Влада е посветена на економски развој, животен стандард, на решавање конкретни проблеми и не се приоритет такви прашања, тие се непотребни и нормално, такви иницијативи ќе предизвикаат одговори од наша страна, а не сме ние тие што иницираме такво нешто. Ние сме посветени на столбовите на Владата, економскиот развој, борбата против корупцијата, ЕУ интеграцијата, тоа се нашите столбови, платформа од која не сакаме да излеземе. Мислам дека и нашите колеги ќе сфатат дека треба да бидат во функција на оваа платформа, а не на секојдневната политика, истакна Меџити.