Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го освои третиот мандат со 51 отсто од гласовите, објави во понеделникот изборната комисија на оваа латиноамериканска земја (CNЕ). Кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес освоил 44 отсто од гласовите.
Преброени се околу 80 отсто од гласачките кутии, изјави претседателот на изборниот совет, Елвис Аморосо во директен телевизиски пренос, додавајќи дека објавувањето на конечните резултати е одложено поради „агресија“ врз системот за пренос на податоците за гласовите.
Пред да бидат објавени резултатите, опозицијата тврдеше дека има „причина за славење“, барајќи од поддржувачите да го следат пребројувањето на гласовите.
„Резултатите не можат да се сокријат. Земјата мирно избра промени“, тврдеше Гонзалес на X пред да бидат објавени официјалните резултати.
Американскиот Edison Research во излезната анкета предвиде 65 отсто од гласовите за Гонзалес и 31 отсто за Мадуро. Анкетата на венецуелската компанија Meganalisis финансирана од САД предвиде само 14 отсто од гласовите за актуелниот претседател и 65 отсто од гласовите за кандидатот на опозицијата.
Меѓутоа, овие процени дури и на Западот се сфаќаат како цел од пропагандните настојувања за соборување на левичарскиот претседател Мадуро, кој одржува блиски односи со Русија и Кина овозможувајќи им на двете сили влез во западната хемисфера, чувстивтелна интересна зона на САД
Челничката на опозицијата Марија Корина Мачадо повторно ја повика војската да ги поддржи изборните резултати.
„Порака до армијата. Народот на Венецуела одлучи: не го сака Мадуро“, напиша Мачадо на X. „Време е да се најдеме на вистинската страна на историјата. Имате шанса, сега“.
Венецуелската армија го поддржува претседателот Мадуро, а воените претставници јавно не посочија дека одлучиле да му ја ускратат поддршката. Министерот за одбрана, генералот Владимир Падрино, порача пред изборите дека вооружените сили ќе ги почитуваат изборните резултати.