
Израел сака да му нанесе порази на Хезболах, но не сака да влезе во отворена војна во Либан и да го вовлече Блискиот исток во поширок конфликт, изјавила двајца неименувани израелски функционери за Reuters во понеделникот.
Двајца други израелски функционери, пак, рекле дека Израел се подготвува за моќност од неколкудневни борби, по саботниот ракетен напад врз спортски терен во село на локалната етноконфесионална заедница Друзи на окупираната од Израел сириска Голанска висорамнина. За овој напад шиитското либанско движење Хезболах, обвинето од Израел и САД, ја отфрли својата вмешаност на владата на Либан побара независна истрага.
Сите четворица израелски функционери соговорници на Reuters зборувале под услов да останат неименувани и не сакале да дадат повеќе поединости за планираниот израелски одговор на споменатиот напад.
„Процената е дека одговорот нема да води до отворена војна. Тоа во овој момент не би било во наш интерес“, рекол соговорник од израелската дипломатија.
Нападот ја зголеми веќе постоечката загриженост дека спорадичните прекугранични баражни ракетни удари меѓу Израел и Либан, кои траат од почетокот на израелската инвазија во Појасот Газа ланскиот октомври, ќе прерасне во поширок судир кој ќе го зафати блискоисточниот регион па и да се прелее вон него.
Израелскиот безбедносен совет доцна ноќта во неделата го овласти премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант да донесат одлука за „начинот и времето“ за израелскиот одговор на ракетниот напад.
Најтиражниот израелски дневен весник Yedioth Ahronoth, повикувајќи се на свои неименувани извори, тврди дека одговорот ќе биде „ограничен, но значителен“. Весникот пишува дека израелскиот одговор би можел да биде „фотогеничен“ напад врз инфраструктурата, вклучително мостови, електроцентрали или пристаништа или, пак, напад врз складишта со оружје на Хезболах или врз негови функционери.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот телефонски разговарал со израелскиот претседател Исак Херцог и ја истакнал важноста од спречување на натамошна ескалација на судирот. Двајцата разговарале за изнаоѓање дипломатско решени за жителите на областите крај израелско-либанската граница да можат да се вратат во своите домови, за постигнување мир во Појасот Газа и за ослободување на таму држените израелски заложници.
За разлика од ненадејниот напад на Хамас во октомври, можната војна со Хезболах во Либан е нешто што израелската војска го има како опција со години наназад, според американските власти. Израелските трупи во северната команда вежбаат во единици со големина на бригада, но сè уште не се во позиција да започнат напад, оценувааат американски официјален воени претставници.
Мировните сили на Обединетите нации во Либан (UNIFIL), кои ја надгледуваат областа од 1978 година, уште во јануари годинва го прогласија вториот највисок степен на аларм.
Израел бара Хезболах да се повлече од границата за да обезбеди безбедност на цивилите на северот на земјата. Исто така, Тел Авив се закани со употреба на воени акции доколку не доведат до решение дипломатските напори за повлекување. Повеќе од 76.000 луѓе ги напуштија своите домови во јужниот дел на Либан од почетокот на неодамнешните размени на оган. Повеќе од 80.000 луѓе беа евакуирани од израелската страна на границата…
Овие судири од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година. Но, набљудувачите велат дека двете страни сè уште следат одредени непишани правила, бидејќи досега избегнуваа натамошна ескалација.
Хезболах, кој е поддржан од Иран, ја контролира владата во Либан и има арсенал од ракети кои претставуваат закана за Израел. Еврејската држава, од друга страна, се смета дека е воено способна да му нанесе неизмерно голема штета на Либан.
Либанската шиитска групација Хезболах е активна во јужен Либан и во Сирија, чијашто територија на Голанската висорамнина Израел ја анектираше во 1981 година.
Хезболах, чии милиции се вооружувани и обучувани од Иран, е далеку помоќна борбена форамција од палестински Хамас, а разликата е и во припадноста на шиитскиот и сунитскиот огранок на исламот. Од последната војна меѓу Израел и Хазболах во 2006 година, либанското движење стана многу помоќно. Се проценува дека Хазболах има арсенал од повеќе од 100.000 ракети.
Хезболах и Израел водеа две големи војни од 1980-тите. Израелските трупи беа принудени да се повлечат од Либан по конфликтот во 2006 година. Хезболах има значително присуство во јужен Либан и периодично се конфронтира со израелските сили кои патролираат по границата.
Во војната од 2006 година со израелската сила, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се стекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.
Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток.