Во повеќекратните лизгања на земјиштето предизвикани од поројните дождови во јужна Индија загинаа 49 луѓе, а се стравува дека многу други се заробени под урнатините, соопштија властите во вторникот, а спасувачките операции се отежнати поради лошите временски услови.
Несреќите со бројни жртви и стотина повредени се случија во ридскиот дел на јужната индиска држава Керала, соопштија во вторникот властите, додавајќи дека спасувачките операции се отежнати поради уривањето на главниот мост во областа.
Министерот за шуми во Керала, А.К. Сасеендран, ја опиша ситуацијата како „сериозна“ и предупреди дека во текот на денот се очекуваат нови врнежи во областа Вајанад, каде што се пријавени неколку одрони.
На телевизиските снимки се гледаат паднати дрвја откорнати од земја и калливи порои кои навлегуваат и бројни уништени куќи.
Армијата беше ангажирана во поставувањето на привремен, понтонски мост кој повторно ќе ја поврзе погодената област со најблискиот град Чооралмал.
Погодената област Керала е позната по плантажите со чај и кардамон. Се стравува дека многу работници кои работеле на овие имоти и кои живеат во импровизирани шатори загинале.
Керала често е погодена од обилни дождови и поплави, а во 2018 година 400 луѓе ги загубија животите во една од најлошите поплави регистрирани во државата.