Со усвојувањето на Ребалансот на Буџетот за 2024 година почнува консолидацијата на Република Македонија. Дури и со ваква опустошена државна каса, доколку има волја, знаење и капацитет може да почнат промените на подобро. Со овој Ребаланс ќе започнат и клучни реформи во секторот здравство. Обезбедени се финансии за почетокот на реализацијата на проектот за вработување на приватните специјализанти. До крајот на оваа година, македонските болници ќе бидат посилни за 300 млади доктори специјалисти. 300 специјалисти оваа, а 300 догодина ќе бидат соодветно ангажирани во здравствениот систем и на тој начин ќе се зголеми квалитетот на самата здравствена услуга. Докторите нема повеќе да ја напуштаат државата бидејќи таа ќе се грижи за нив, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Во Ребалансот исто така има обезбедено средства и за проширување на позитивната листа на лекови. Прв пат по 15 години, позитивната листа ќе биде проширена и македонските граѓани ќе плаќаат поевтини лекови.
Во рамки на првиот пакет реформи во секторот здравство е и укинувањето на економските директори т.е. дуализмот кој не ги даде посакуваните резултати. Ваквата промена со системот на здравствена заштита ќе има позитивни фискални импликации од неколку милиони евра годишно.
За крај, во периодот што претстои ќе се заложиме во најбрз можен рок да заврши изградбата и да се пуштат во употреба болниците во Штип и во Кичево кои се од исклучително значење за голем број граѓани од овие региони, рече Стојаноска.