Повеќе од 200 пожарникари со помош на хеликоптери и канадери втор ден по ред се борат со шумски пожар на вториот по големина грчки остров Евија, поради што е наредена евакуација на две села, соопштија властите во вторникот.
Пожарот избувнал во селото Петриес во центарот на островот во понеделникот околу 15 часот и силниот ветер помогнал брзо да се прошири. Во вторник околу 200 пожарникари го гаснат пожарот со помош на 13 канадери и шест хеликоптери, а во подготвеност е и брод на крајбрежната стража за можна евакуација по море.
Покрај големите напори, состојбата на Евија денеска е подобра, но ветерот ги загорува тлеечките опожарени поршини, а ризикот од пожар сѐ уште е зголемен, предупредува министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас.
Во 2021 година, Евија се соочи со разорен пожар кој претвори во пепел 46.500 хектари земја.
Пожарите во Грција зачестија последните години во текот на топлите и суви летни месеци. Минатата година во Грција избувнаа повеќе од 8.000 пожари.
Премиерот Кирјакос Мицотакис изјави дека Грција повторно се соочува со „тешко лето“ во однос на климатските услови и предупреди дека август е сè уште напред и дека земјата мора да остане на готовност. Неколку стотици шумски пожари избувнаа во Грција од мај.