Алармантен губиток на таленти – Дали ќе се работи како до сега?

Анализата  на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР), покажува дека по истекувањето на важноста на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни и стручни кадри 2013-2020 година, мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани. Проценките од извршената анализа на ревизијата покажуваат дека во периодот 2013-2021 година, од државата просечно годишно мигрираат по околу 2500 високообразовни кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошиле 44,7 милијарди денари. Одливот на високообразовните кадри ја чини државата 0,8% од годишниот БДП.

Иако, од  Владата е усвоена резолуција за миграциска политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство, со посебен фокус на лицата со високо ниво на образование, но како што констатира ДЗР не е воспоставен мониторинг, на имплементација на мерките и активностите од истата, а усвојувањето на нови стратешки документи е без оценување и евалуација на резултатите од претходните.

Која е забелешката на Државниот завод за ревизија (ДЗР)

Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни и стручни кадри 2013-2020година, е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира за „одливот на мозоци“, која не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ. И со усвоениот Акционен план за 2013/2014 година, со активности, рокови на извршување, финансиски средства, извори на финансирање, надлежни тела за реализација на целите и индикатори за успешност, ревизорите на ДЗР на Република Македонија, утврдиле низок степен на имплементација на мерките и активностите од Акциониот план што се должи на недоволна координација на институциите/ надлежните тела носители на мерки и активности и на формираната работна група (проектна единица) во рамките на МОН, која требало да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовни поединци во земјата, односно како што констатираат ревизорите „Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Македонија, заради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовни лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“.

Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет   на стипендирање, а МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори. Ревизијата утврдила значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата.

Нефункционалноста на веб порталите nauka.mk и patent.mk не овозможува истите да се користат како средство за обезбедување на информации за резултатите од научноистражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).

Забелешките на ревизијата дека Мониторинг над имплементацијата на мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни и стручни кадри 2013-2020 година и известување за нивно спроведување, не е формирана во рамките на МОН за управување со интелектуалната емиграција, како и новоформирано административно тело кое ќе биде директно одговорно за спроведување, следење, оценка и надградба на предложените политики и креирање на системот на управување со интелектуалната емиграција. Заради наведеното не се врши мониторинг над имплементацијата на мерките, не се известува периодично за степенот на имплементацијата на мерките. Ниту се врши анализа и оцена на ефектите од имплементацијата на мерките.

Кои се констатациите од барањето по слободен пристап до информации

Врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побарав специјално од МОН (за ова мое пишување на 26.06.2024 година), да добијам податоци:

  • Колку македонски студенти добиваа државна стипендија за прв, втор и трет циклус на студии, кои студирале на првите 100 универзитети од Шангајската листа, за период од 2012 до 2023 година;
  • Список на приматели со име и презиме;
  • Колку студенти постапиле согласно Договорот, а колку не;
  • Колку меници се активирани за поврат на парични средства;

По прифатеното барање од страна на МОН и по доставеното Решение бр.03-5929/2 од 23.07.2024 година, во самото образложение ме известуваат дека …„ Министерството нема активирани меници за поврат на парични средства“. Ајде аирлија нека е! А, за ова нешто, подолу во моето пишување.

Прв циклус студии на стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа

Од добиениот список на приматели на прв циклус студии во странство од Шангајската листа е од периодот 2013/2014 – 2023/2024 година, со име и презиме и тоа се 213 лица.

  • Завршени / вработени 93 лица
  • Завршени/невработени 21 лице
  • Завршени/нема податоци 11 лица
  • Во тек на студии од 2020/2021 – 2023/2024 студиска година, се 87 лица
  • Прекинати студии (здравствени причини) 1 лице

Од направените согледување на приматели на прв циклус на студии во странство од Шангајската листа, карактеристично е тоа што Министерството за образование и наука (МОН), нема  евиденција на завршените студенти/вработени (93) лица, каде се вработени, во кои компании или институции во Македонија или се во странство. Иста е состојбата и со завршените/невработени (21) лица, нема евиденција, дали се во Македонија или во странство или Дали се евидентирани во Агенцијата за вработување во Република Македонија (АВРМ) и она што е ПАРАДОКСАЛНО, завршени студенти/нема податоци за (11) лица. Каде се лицата? Како добивале стипендии од МОН, кога завршиле студентите, а МОН нема податоци за нив.  Ова мора да е загрижувачко за МОН. Каде одат финансиите на стипендистите, да се нема податоци? Ова е загрижувачко не само МОН туку сите релевантни надлежни институции во Македонија, каде и како се трошат државните финансии за  стипендии, а сумата не е мала што ги издвојуваат македонските граѓани. Зошто одговорните на МОН не вршеле мониторинг? Дали има образовен криминал и корупција? Сомнежите го покажуваат тоа!

Втор циклус студии на стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа

Од добиениот список на приматели на втор циклус студии во странство од Шангајската листа е од периодот 2010/2011 – 2022/2023 година, со име и презиме и тоа се 178 лица.

  • Завршени / вработени 94 лица
  • Завршени/невработени 73 лице
  • Завршени/нема податоци 6 лица
  •  во тек  се 4 лица има податоци
  • Прекинати студии/ вработен 1 лице (не се знае причината?)

Она што е карактеристично како и за првиот, така и за вториот циклус на студии Министерството за образование и наука (МОН), нема и не се води евиденција на завршените студенти/вработени (94) лица, каде се наоѓаат, каде се вработени, во кои компании или институции во Македонија или се во странство. Иста е состојбата и со завршените/невработени (73) лица, нема евиденција, дали се во Македонија или во странство. И во вториот циклус на  стипендисти кои студираат во странство, а добиваат стипендии од Македонија, кои завршиле/нема податоци за  (6) лица. Каде се лицата? Одговорните од МОН креваат раменици и гестикулираат. Незнаат!. Како да знаат кога не се води евиденција и немаат контакти со примателите на стипендии кои ги издвојуваат македонските граѓани финансиските средства.  И овде го поставувам прашањето: Зошто одговорните на МОН не вршеле мониторинг?

Трет циклус стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа

Од добиениот список на приматели на трет циклус студии во странство од Шангајската листа,  е  добиена листа од МОН, без период од која година се примателите на стипендии во странство, со име и презиме и таа бројка е само 7  лица. Дали е можно ова? МОН треба да одговори? И тоа:

  • Завршени / вработени 3 лица
  • Завршени/невработени 4 лице
  • Од овие 7 лица,1 лице е во тек на студии/ вработена и 1 е во тек на студии/ невработен

Констатацијата е следна дека МОН нема евиденција, за завршените/вработени на трет циклус студии и завршените на трет циклус студии/невработени, каде се наоѓаат и каде работаат. Дали се во Македонија или во странство? Со право се прашуваме од целокупните состојби: За чии туѓи економии или јавни администрации Република Македонија развива со помош на сопствениот скромен буџет?

На барањето за слободен пристап до информации од јавен  карактер на моето барање –Колку студенти постапиле согласно Договорот, а колку не?

Од МОН во нивните податоци  нема конкретности па така  за:

  • На прв циклус стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа кои со име и презиме се 213 лица од 2013/2014-2023/2024 година. МОН не искажуваат и немаат евидентирано кои и колку студенти  постапиле согласно Договорт, а колку не. МОН  нема евиденција и нема извршено мониторинг, односно значајните  пропусти  во имплементацијата на стипендиите, податоците на МОН и искажаните искуства на бивши стипендисти говорат ( од исказите на истражувачите) за недоволна и несодветна евиденција што се води за стипендистите, недоволен мониторинг, односно наблудување, следење, проследување во процесот на студирање, како и слаби напори да се обезбедат соодветни работни места, што одговараат на квалификациите стекнати од студентите.
  • Иста е состојбата и за втор циклус стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа, кои со име и презиме се 178 лица од периодот 2010/2011-2022-2023 година. Од МОН е побарано, да се достават податоци кои студенти постапиле согласно Договорот, а колку не. На моето прашање: Зошто на листата на стипендисти за втор циклус стои во забелешка дека е  „завршена обврската по договорот“ и да ни даде еден показател од Договорот, од МОН, односно од одговорните не добивме таков пример и показател.

 Да се повторам, дека во МОН нема евиденција и нема мониторинг, односно набљудување, следење, проследување во процесот на студирање, како и слаби напори да се обезбедат соодветни работни места, што одговараат на квалификациите стекнати од студентите.

– А, за стипендисти во странство на факултетите од Шангајската листа на трет циклус студии, по мене добиената табела со реден број 7 со име и презиме, статус, вработен, без да се знае за која академска година станува збор  е доволен податок за несериозноста на вработените на МОН, во однос кои се задолжени да работат на доделувањето на стипендии на студенти од Македонија во странство од Шангајската листа на студии. Треба да се напомене дека приматели на овие стипендии се деца на функционери. И кога ќе се согледа дека за прв, втор и трет циклус, согласно добиените податоци од вкупно 398 стипендисти по 40 000 долари се: 398 X  40 000 долари, и ако се пресметаат овие милиони долари, сумата не е мала. Оставам да пресметаат во МОН. И им го поставувам прашањето: Дали овие пари се фрлени во воздух? Дали овие милиони долари, би било покорисно и би имало поголем ефект, да се вложувале во науката и истражувањето во Македонија? Новата Влада да направи целосна ревизија во МОН, за досегашната работа на МОН, во доделувањето на стипендии од прв, втор и трет циклус на студии во странство!  Веднаш да се стопира новиот  Конкурс за доделување на стипендии за академските студии од прв циклус, втор и трет циклус во странство за академската 2024/2025 година? Вака поставените работи, без да се има анализа од сите чинители (АВРМ, Стопанската комора и други) кои се дефицитарните потреби од високообразовен кадар, а за потребите на стопанството, економијата на Македонија, а не за туѓи економи и други држави и да после се чудиме кој го креира „одливот на високообразовен кадар“. Затоа  има индиции и сомнеж за криминал и корупција, од извршени констатции и анализи. Мора да има одговорност!!!.

 Зошто нема активирани меници за поврат на паричните средства?

Како што наведов, по прифаќањето на моето барање од страна на МОН и по доставеното Решение бр.03-5929/2 од23.07.2024 година, во самото образложение, однапред  ме известуваат дека …„ Министерството нема активирани меници за поврат на парични средства“. Со ова што сака да каже МОН. Значи  се почитува Договорот склучен помеѓу стипендистите и МОН, односно почитување на правата и обврските, каде што согласно Правилникот за видот на студентски стипендисти и доделување на стипендии на студенти во странство, корисниците на стипендијата врз основа на склучен Договор со МОН, со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на стипендијата….меѓу другото стои: По завршувањето на студиите  прва договорена обврска која произлегува за избраните кандидати е за секоја година поминати на студии во странство, потребно е студентите да работаат две години во Република Македонија, односно по завршувањето на студиите и враќањето во Република Македонија избраниот кандидат е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи, при  што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации. И за непочитување на Договорот…ќе се активираат мениците за поврат на парични средства…

Види повеќе: Зошто министерството за образование и наука плаќа за стипендии, но нема никаква контрола

Го поставувам главното прашање од  насловот на моето пишување: ДАЛИ ЌЕ СЕ РАБОТИ КАКО ДО СЕГА? Одговорот е мора да има одговорност на сите чинители – институции и неминовна борба против образовниот криминал и корупција, со име и презиме. Зошто, доследно не се почитуваат  и применуваат направените анализи и констатации од Ревизијата извршена во периодот од 01.09.2023 до 31.12.2023 година на Државниот завод за ревизија (Конечен извештај на тема„ Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри, април 2024г), каде што според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, Република Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светска Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Кој ги испушта талентите? Кој не се грижи за талентите? Има многу прашања. Но едно мора да  направи МАКЕДОНИЈА, а тоа е „НАЦИОНАЛНА ДРЖАВНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ДРЖАВАТА ОД ВИСОКООБРАЗОВЕН КАДАР“

ВРЕМЕ Е ДА НЕ СЕ РАБОТИ КАКО ДО СЕГА! ВЛАДАТА Е НА ПОТЕГ!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес