ВИДЕО| Русија ја започна третата фаза од тактичките нуклеарни вежби

Русија ја започна третата фаза од вежбите за обука на распоредување на тактичко нуклеарно оружје, соопшти во средата Министерството за одбрана.

„Во согласност со одлуката на претседателот на Руската Федерација, започна третата фаза од вежбите на нестратешките нуклеарни сили“, се вели во соопштението на Министерството за Telegram.

Војниците од јужниот и централниот воен округ ќе вежбаат распоредување лажни боеви глави за оперативните и тактички ракетни системи „Искандер-М“ и прикриено разместување на локации за лансирање, соопшти Министерството за одбрана.

„Сегашната фаза од вежбата е насочена кон одржување на подготвеноста на персоналот и опремата на единиците за борбена употреба на руското нестратешко нуклеарно оружје за извршување на борбени мисии“, соопшти Министерството.

Русија ја одржа првата фаза од вежбите во мај, а Белорусија се приклучи на втората фаза во јуни.

Москва предупредува дека Соединетите држави и нивните европски сојузници го туркаат светот на работ на нуклеарен конфликт со испраќање оружје во вредност од милијарди долари во Украина, од кои некои се користат на руска територија и особено со последните најави за дополнително распоредување на американски проектили во Европа, покрај постојните десетина локации со нуклеарни ракети што во Москва се доживува како безбедносна закана за рускиот суверенитет.