Францускиот претседател Емануел Макрон потрошил речиси 475.000 евра на раскошната вечера за британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила минатата година, што направило „голема дупка“ во годишниот буџет, пишува лондонски Independent.
Во септември минатата година, Макрон приреди раскошна вечера во Салата на огледалата во дворецот Версај за британскиот крал и неговата сопруга, а менито вклучуваше син јастог, како и голем избор на француски и англиски сирења, пишува Independent, повикувајќи се на највисокиот француски ревизорски суд.
Таа вечера чинела вкупно 474.851 евра.
На вечерта, меѓу другите, присуствуваа актерот Хју Грант, музичарот Мик Џегер и фудбалскиот тренер Арсен Венгер.
Во меѓувреме, во обид да го убеди Њу Делхи да купи повеќе француски подморници и борбени авиони, Макрон организираше и гала вечера во чест на премиерот Нарендра Моди во Лувр во јули 2023 година, која чинела 412.000 евра, наведуваат ревизорите.
Со оглед на зголемувањето на трошоците за претседателските патувања во странство, заедно со повисоките трошоци за државни приеми, трошоците за претседателската канцеларија лани пораснале за 6,5 отсто, оставајќи буџетски дефицит од 8,3 милиони евра.