Откако 94 лица загинаа во судирите меѓу демонстрантите и провладините поддржувачи во Бангладеш во неделата, бројот на загинатите од протестите во понеделникот се искачи на најмалку 300, според проценката на агенцијата France Presse (AFP) врз основа на податоците на полицијата, официјални лица и болнички извори.
Антивладините демонстранти во понеделник планираат уште еден масовен протест во главниот град на Бангладеш, Дака.
„Дојде време за конечни демонстрации“, изјавил Асиф Махмуд, еден од водачите на студентското движење кое стои зад протестите, во неделата, повикувајќи на демонстрации во главниот град.
Според извештајот на AFP, најмалку 300 луѓе се убиени од почетокот на протестите во јули.
Голем број припадници на безбедносните сили се распоредени на улиците на Дака, особено во оние што водат до канцеларијата на премиерката Шеик Хасина, кои полицијата и војската ги забарикадирале со бодликава жица.
Од недела навечер во земјата на сила е полицискиот час, мобилната интернет конекција е строго ограничена, а затворени се 3.500 фабрики.
Во неделата, нови судири меѓу противниците на Хасина, полицијата и приврзаниците на владејачката партија оставија најмалку 94 мртви низ целата земја. Тоа се најголемите човечки загуби во еден ден од почетокот на антивладините демонстрации пред еден месец во оваа муслиманска земја со 170 милиони жители.
Во Бангладеш огромен проблем е фактот што студентите и младите дипломирани студенти се соочуваат со висока невработеност. Студентите и младите дипломирани студенти бараат од владата да го укине системот на позитивна дискриминација, кој резервира и доделува квота владини работни места (околу 30 проценти) на членовите на семејствата на ветераните, односно на луѓето кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година.
Системот делумно беше укинат во 2018 година, а за него повторно расправаше судството во јуни годинава. На крајот од јули стапи на сила промената благодарение на пресудата на Врховниот суд. Според пресудата, 93 отсто од работните места мора да бидат засновани на заслуги, при што пет отсто одат на потомците на војниците кои се бореле за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година, а два отсто на лица од етничките малцинства или лица со посебни потреби.
Во најновите судири загинаа најмногу луѓе откако Шеик Хасина дојде на власт пред 15 години. За да го врати редот, нејзината влада прво го оневозможи пристапот до интернет, затвори училишта и универзитети, воведе полициски час и распореди војска. По 16-ти јули, социјалната криза премина во политичка. Тогаш репресијата ги зеде првите жртви, а демонстрантите побараа оставка од премиерот.
„Веќе не се работи само за квоти за работа… Сакаме идните генерации да можат да живеат слободно“, вели за AFP Сахават, младa демонстрантка од Дака која испишала графити на еден ѕид нарекувајќи ја Хасина „убиец“.