Германскиот извоз и во јуни забележал остар пад, како резултат на слабата побарувачка од главниот трговски партнер САД и другите членки на еврозоната, покажаа во средата објавените податоци на заводот за статистика.
Вредноста на извезената стока паднала во јуни на месечна основа за 3,4 отсто, речиси со исто темпо како и во мај, пресметале татистичарите врз основа на сезонски и календарски приспособени податоци. Увозот, пак, се стабилизира, по падот од 6,6 отсто во претходниот месец.
Во однос на ланскиот јуни извозот е намален за 4,4 отсто, а увозот за 6,4 отсто.
Суфицитот во трговската размена на Германија со светот во првиот летен месец изнесувал 20,4 милијарди евра и е за 18,1 отсто помал од мај. Во однос на ланскиот јуни неговата вредност е зголемена за 7,4 отсто.
Во првата половина од годината вредноста на германскиот извоз е за 1,1 отсто пониска од лани и падна на 798,8 милијарди евра. Вредноста на увозот е намалена за шест отсто, на 658,9 милијарди евра.
Испораките на германски стоки за другите членки на еврозоната се намалени во јуни за нешто повеќе од три отсто во однос на мај, а речиси ист процентен пад е забележан и кај извозот во трети земји, се наведува во извештајот на Destatis.
САД ја задржаа својата позиција како главна дестинација на германскиот извоз во јуни, но со 7,7 отсто помала вредност на испораките од мај, од 12,9 милијарди евра.
Извозот во Кина се зголемил на месечна основа, според сезонски и календарски прилагодени податоци, за 3,4 отсто, на 7,9 милијарди евра. Во исто време, Кина била главен снабдувач на стоки на Германија во јуни, и покрај падот на вредноста на увозот од 4,9 отсто, на 12,3 милијарди евра.
Германскиот извоз во Русија е намален во јуни за 3,2 отсто во однос на мај, за 600 милијарди евра. Споредено со ланскиот јуни, неговата вредност е помала за 22,2 отсто. Увозот на стоки од Русија, пак, е намален за 1,5 отсто во однос на мај, на 200 милиони евра. Во споредба со минатогодишниот јуни, тој е помал за 44,8 отсто, објави Destatis.