ЕУ одобри дополнителни 1,2 милијарди евра за инфраструктура во западен Балкан

Европската унија преку Инвестициската рамка за западен Балкан (WBIF) одобри дополнителни 1,2 милијарди евра за подобрување на железничката инфраструктура и управувањето со водите.

На својата веб-страница WBIF објави дека споменатиот износ најмногу е наменета за модернизација на железницата со цел да се зголеми брзината на возовите во Србија и за управување со водите и изградба на потребната инфраструктура во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

Иницијативата годинава ќе поддржи вкупно осум проекти во водоснабдување, канализација и третман на отпадни води, железнички транспорт, вклучително и зелена трансформација на малите и средни претпријатија.

Инвестициската рамка главно се финансира од ЕУ со придонеси од земјите-членки на Унијата, Норвешка и меѓународни финансиски институции.

ЕУ досега има одобрено програми во вредност од 17,5 милијарди евра во регионот на западен Балкан во рамките на Економскиот и инвестицискиот план, вклучително и 5,4 милијарди евра грантови од ЕУ.

WBIF е заедничка финансиска платформа лансирана пред 15 години, која ги обединува Европската комисија, финансиските организации, земјите-членки на ЕУ и Норвешка, за да ја подобрат соработката во инвестициите во јавниот и приватниот сектор.